
По Берлинскиот конгрес се позабележително беше интересирањето на светот за Македонија. Турската европска провинција и со својата исклучителна положба и со своите природни убавини, како што ќе рече Панагијотис Аргиријадес , во статијата "Македонија", меѓу другото, ќе запише: "... Малите држави - грчката, бугарската и српската - спорат за приграбување на Македонија, служејќи се со сите видови докази: шовинистички и историски, измислени за поткрепа на нивните интереси, при што не се забележува дека, ако се базира на историската вистина, побргу Македонија треба по право да ги поседува сите тие земји, кои сакаат да ја голтнат, зашто таа самата порано ги владеела и господарела над нив. Но овие аргументи, какви и да бидат, се застарени и апсурдни за сегашнава состојба и за нашите идеи. Тоа што треба да бараме во ова прашање е средството да им дадеме задоволување на храбрите македонски жители од сите народности. Значи, тоа решавање не се наоѓа со право ни во поделбата на Македонија (тоа ќе биде, од друга страна, штета за една таква земја), ни во завладувањето од една од државите што лакомат за неа (тоа ќе биде неправедно), туку во нејзината полна независност и нејзината апсолутна автономија, со една федеративна влада на нејзините провинции и децентрализација и најапсолутна комунална автономија, за да можат комуните моќно да дејствуваат на свој начин во однос на образованието и јазикот, кои ќе сакаат да ги воведат по училиштата...
...Македонците не ги сакаат тие галења што можат да ги задушат. Тие сакаат да си останат Македонци, без друг епитет, за да ја зачуваат за себе својата убава Македонија".
Гледстон во 1897 година, зборувајќи за Македонија, ќе напише: "Уште полошо и посрамно од самата турска управа е постоењето на љубомора меѓу Грците и Словените и плановите на постојните држави за присвојување на туѓи територии. А зошто да не биде Македонија на Македонците, како што е Бугарија на Бугарите и Србија на Србите? Иако се тие сите мали и слаби, нека се остават да се поврзат меѓусебно за одбрана, така што не ќе можат да бидат голтнати од другите, било големи или мали, што веројатно ќе дојде како последица на нивните меѓусебни караници".
Антон Драндар, една високо образована личност на Македонија од втората половина на 19 век и првите децении на 20, човек кој добар дел од животот го мина во странство, инаку велешанец по потекло, во својата книга "По повод едно движење во Македонија", објавена во Брисел во 1900 година под псевдоним А. Брутус, ќе подвлече:
"... Ако Македонија сака да биде свој сопствен господар и господар на својата сопствена судбина, ако денес таа сака да се ослободи од неправедниот тиранин што ја угнетува со векови, и ако утре сака да биде подготвена да се бори против сите оние кои би сакале да ја узурпираат нејзината територија и да воспостават своја доминација, потребно е да започне со тоа што ќе ја употреби својата сила за воспоставување на едно нераскинливо национално обединување!...
... Жителите на Македонија не сакаат да бидат присоединети ни кон Бугарија, ни кон Србија, ни кон Грција, Тие сакаат, тие силно сакаат, да живеат човечки живот во една автономна земја. Нивната парола е: Македонија на Македонците".
"... Младите словенски држави соседни на Македонија се премногу мали и премногу сиромашни за да стапат во борба за неа. Притоа, тие држави се распаѓаат и од внатрешните ситуации и од надворешните семејни непријателства. Бугарите и Србите заемно не се поднесуваат, секој ја смета Македонија за своја законска сопственост. Да ја создаваат Македонија за Македонија немаат ни најмалку желба ни Бугарите ни Србите. Ентузијасти за автономна Македонија се среќаваат само меѓу македонските домородци. Ни на Србинот ни на Бугаринот автономијата на Македонија не им се допаѓа...
...Во Македонија не е решено прашањето на народноста и тешко кога и да е ќе биде задоволително решено. Ако им се верува на Гопчевиќ и Јастребов, во неа речиси нема Бугари: сите се Срби. Ако им се верува на Офејков и Миљуков, воопшто нема Срби, сите се Бугари. Поверојатно од се е дека имаме работа со совршено самостојна гранка на словенството, преодна меѓу бугарството и српството. Но, сама по себе таа гранка е недоволно значајна за да си извојува слобода и да се претвори во државна единица. Следствено, сеедно како ќе се реши прашањето за нејзината националност, таа е лишена од можноста да живее, така да се рече, самата во себе, проколната е да служи како политички материјал - директно за соседите, преносно и индиректно - за Европа, која ги раководи соседите", ќе напише во својата книга "Земја на раздорот" Александар Амфитеатров.
Во својот извештај до српската влада од 22 ноември 1902 година, познатиот српски општественик и научник Стојан Новаковиќ, кој мошне добро ја знаел Македонија бидејќи своевремено бил пропагатор на српската кауза во неа, како српски дипломат во Цариград и Солун, ќе нагласи: "...Македонскиот сепаратизам... се стреми кон посебно политичко и културно организирање на Македонија, независно од културните и политичките центри и во Софија и во Белград. Во случајов, Македонија, кога би добила некакви автономни права, тие мислат дека со нив треба да се оди до отцепување на црквата од Бугарската егзархија во Цариград и организирање посебна црковна управа под заштита на Цариградската црква, онака како што беше во Србија и Романија пред Берлинскиот договор, и подигнување на македонскиот дијалект во државна и литературна употреба, со фонетски правопис, за да се избегне употребата на бугарскиот јазик. Врз тие три основи: врз посебна црква, врз посебен јазик и врз посебна автономна организација, под заштита на Султанот и Патријархот би се засновувала идната автономна организација на Македонија".
А љубљанскиот весник "Слободен народ" во статијата "Од Македонија" (9 јануари 1903 година) објави мошне интересни сведоштва за македонското прашање: "Во Србија и во Бугарија преовладува се повеќе јавно и политичко интересирање за македонското прашање. Српскиот крал изјави дека секоја негова влада ќе работи за мирни управни реформи во Македонија, за кои се интересираат и Австро-Унгарија и Русија. Србија ќе се меша толку колку што е потребно да се загарантираат човековите права и народниот и стопанскиот опстанок на српското население во Македонија и Стара Србија. Се демантираат најновите вести дека Србија се мобилизира. Резервистите, исто така, не се повикани на редовна служба како што тоа се известуваше.
Исто така, и бугарската влада го изнесе своето гледиште за Македонија. Во Собранието опозициониот пратеник Страшимиров прашал зошто владата не ги распушти македонските одбори. Страшимиров понатаму тврдел дека македонската револуција не бара бугарска помош. Востанието не е последица на турското ропство или насилствата, но дека се кренало поради зголемената национална свест на Македонците. Поради тоа револуцијата тече спротивно на сите реформи. Македонските одбори ја компромитираат Бугарија"
А познатиот писател Анатол Франс (1844-1924) во говорот на Митингот за Македонија и Ерменија, одржан на 17 март 1903 година во Париз, рекол: "... Во Македонија, на неколку часа од Будимпешта и Виена, турските војници и функционери ги колат селаните, на кои им ги силувале ќерките и жените. Овие злосторства се направени за срам на Европа. Европа мора нив да ги спречи. Човештвото ја задолжува со тоа, а Берлинскиот договор с дава за тоа сигурно право... Султанот, предавајќи им ги Ерменија и Македонија на крвниците, нели се изложи на некаков приговор од страна на силите? Германија, Англија и Франција, неговите старателки, ќе му речат ли: ‘Можеш да убиваш, само ако платиш’". Тој својата реч на Митингот ќе ја заврши со повикот: "Граѓани, интересирајќи се за судбината на Ерменците и на Македонците, не затоа што се христијани, ами затоа што се луѓе, ние бараме, како гаранција за нивната благосостојба, и за зацврстување на општиот мир, полно и целосно извршување на Берлинскиот договор, што се однесува за Ерменија и Македонија".
Да завршиме со Виктор Берар : "...Амбицијата на една мала држава, егоизмот на една мала нација, не е крајниот идеал на Македонците. Да се замени турското ропство со грчка, српска или бугарска зависност, за Македонците не би било никаква добивка. Тие себе се нарекуваат федералисти. Од своите истомисленици бараат да се одречат од својот национален егоизам и да работат за развитокот на македонската заедница, за да се подготви формирање на балканска федерација. Тие сметаат дека Грците, Бугарите и Србите ќе бидат немоќни ако останат изолирани. Од друга страна, пак, тие чувствуваат дека Цариград уште долго време ќе биде во рацете на непријателот или дека тој град ќе го прекрати своето турско ропство единствено ако го потчини Русија. Наоѓајќи се среде мали држави, Македонците сакаат и нивната Македонија да послужи како сврзувачка нишка меѓу различните нации и јазици, а трговијата во градот Солун, мислат тие, ќе ги поврзе во една царинска унија сите интереси на целиот Полуостров...".